ноември 26, 2020
70085884_670827193413059_4819598285645807616_o[1]

[Анализа] Само 4 улици под Град Скопје се именувани по жени, а 87 по мажи

Од 91 улици кои се именувани по личности, 87 се имиња на мажи, а само 4 се имиња на жени, покажува анализата на имињата на улиците кои се под надлежност на Град Скопје која ја направи Центарот за промовирање на граѓански вредности – АГОРА, извести Радио МОФ.

Тие ова истражување го направиле по најавата на Град Скопје за промена на улиците кои се надлежност на градот.

„Ако веќе менуваме нешто, ајде да видиме што менуваме“, наведуваат од АГОРА во визуелната презентација на анализата.

Тие ги анализирале 156-те магистрални и собирни улици, 13-те плоштади и 8-те мостови кои се под надлежност на Град Скопје. Од сите овие јавни простори вкупно пет женски имиња се искористиле за именување во градот. Најчестото женско име е она на Мајка Тереза, кое е искористено и за мост и за улица и за плоштад, а другите четири застапени имиња се: Богородица, Индира Ганди, Боца Иванова и Депа Кавајова.

„Имињата кои се даваат на главните, односно поголемите улици во Скопје и клучните јавни простори ни кажува многу за тоа кои се луѓето и настаните кои нашето општество сака да ги запомни и како гледаме на родовата еднаквост. Тоа е причината поради која новите власти честопати ги менуваат имињата на јавните простори кога ќе дојдат на власт па така именувањето на јавните простори станува поле за борба меѓу идеологии. Во Скопје имињата на јавните простори се менуваа неколкупати досега“, посочуваат од АГОРА.

Ако се погледне историски, 55% улиците под Град Скопје се имиња од периодот пред Втората Светска Војна, додека 45% се имиња од Втората Светска Војна, односно од НОБ. Само 2 улици се од периодот по независноста – „8-ми септември“ и „13-ти август Охридски договор“.

Плоштадите најчесто упатуваат на дамнешни времиња, додека кај половина од мостовите називите упатуваат на општи имиња како слобода, цивилизации, уметност…