септември 23, 2021
JASNA-GLASNA (1)-1

Започнува кампањата „Биди јасна и гласна“

„Биди јасна и гласна“ – кампања за активно учество на жените во локалната заедница

Зајакнувањето на жените и слухот за женското учество во јавниот живот се сериозни индикатори за зрелоста на едно општество и за неговиот дострел на полето на демократијата. Постојат голем број меѓународни правни акти во чии рамки се обезбедува унапредување и заштита на женските права, а во нашата земја, овие права се и уставно загарантирани со одредбата за родова рамноправност.

Имајќи предвид дека жените сочинуваат половина од популацијата во Република Северна Македонија, тие се силен елемент на кохезијата во нашето општество, и според тоа, заслужуваат и соодветна концентрација на одлучувачката моќ во свои раце. Мора да се забележи дека, иако македонската жена активно партиципира во политичкиот живот со право на глас од 1946 година, сепак претстои долг пат до остварувањето на суштинска рамноправност во нејзиното учество во политичкиот и јавниот живот во земјата. За подобрување на положбата на жените во заедницата, од витално значење е нивната директна вклученост во процесите на одлучување и селекцијата на приоритетите, лоцирањето на проблемите и нивните решенија на локално ниво.

Водени од желбата за промена и унапредување на женското учество во единиците на локалната самоуправа, Националниот совет за родова рамноправност (НСРР) во партнерство со АГОРА – Центар за промоција на граѓански вредности ја започнуваат промотивната кампања „Биди јасна и гласна“, во рамките на проектот „Вклучи се – Побарај гласно“. Целта на кампањата е да произведе силен импулс на поддршка за локалните акции за зајакнување и мобилизација на жените и нивно активно учество во локалната заедница.

Недоволното учество на жените во одлучувачките процеси на локално ниво сè уште претставува отворено прашање и горлив проблем во нашето општество. Токму затоа, оваа кампања се стреми да ги мотивира жените да се препознаат себеси како одлучувачки фактор и граѓанска сила во единиците на локалната самоуправа. Преку низа активности, кампањата ќе им даде поддршка на жените да ги осознаат проблемите и потребите во своите локални заедници, да лобираат и да остварат квалитетна комуникација со општините, како клучни чинители во општествениот живот на локално ниво.

Преку оваа кампања, силно веруваме дека до жената ќе допре сознанието дека моќта на одлучување во заедницата е во нејзините раце, дека и таа може да носи решенија за проблемите што ја засегаат, не сомневајќи се во својата способност и знаење. Само со организирано женско делување, ќе се урнат стереотипите на недоволното вреднување на жените во политичките процеси и текови на локално ниво, а особено за местото и улогата на жената во руралните средини.

Крајната цел на кампањата „Биди јасна и гласна“ и проектот „Вклучи се – Побарај гласно“ е преку силен ангажман, соработка и посветено делување, да ги охрабрат жените да учествуваат во локалните иницијативи и во нивното спроведување, како и да ја подигнат нивната свест и заинтересираност за учество во креирањето на јавните политики на локално ниво.

JASNA-GLASNA (1)-2